Тетовските гимназијалци бришат погрдни графити
Графитите со погрдна содржина, навреди на етничка и политичка основа се сокојневие по улиците кај нас. Но деновиве тетовските гимназијалци се зафатија со отстранување на графитите од јавните објекти и урбаната опрема во градот. Очекуваат тоа да го направат останатите нивни врсници...

Тетовските гимназијалци деновиве се пример за своите врсници - ги бојадисуваат ѕидовите на кои има испишано графити. Содржината најчесто е со политички и етнички навреди. Се надеваат дека ова ќе го направат и средношколците од другите училишта.
„Со нашите другарчина од гимназијата ги покриваме графитите и допринесуваме за почист град“, вели Кристијан Силјаноски – Ученик во гимазија „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
„И од македонската и од албанската паралелка ги покриваме графитите со навредлива содржина што се на ѕидовите“, рече Стојанче Кироски - Ученик во гимазија „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
Средношколците имаат поддршка од раководството на училиштето кои со задоволство ја прифатиле оваа иницијатива.
„Ова е иницијатива за да почнеме да средуваме околу нашите училишта и во просториите во кои децата треба да имаат активности и да учат“, смета Намикќемал Мустафа – Директор на гимназија „Кирил Пејчиновиќ – Тетово.
Активностите се во рамки на проектот на Отсекот за превенција на СВР Тетово во соработка со локалните самоуправи од регионот и ОБСЕ.
„Вулгарните и навредливи графити покрај другото можат да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост и поделеност кај младите која продуцира и други несакани појави“, изјави Маријан Јосифовски – Портпарол на СВР Тетово.
Пораката до младите е графитите да не ги исцртуваат каде ќе стигнат, а својата креативност, уметнички порив или групни ставови да ги искажуваат на соодветен начин.
Зоран Јованоски
