Жителите во кумановското село Сопот во страв, мигранти чести гости
Мигранти чести гости во кумановското село Сопот, кое се наоѓа во близина на границата со Србија. Жители на ова село загрижено раскажуваат дека лицата влегуваат и во домовите. Но послужувајќи се со храна, уништиле кошници од пчеларникот на чичко Круне...

Жителите од кумановското село Сопот, кое се наоѓа на само неколку метри од границата со соседна Србија, се загрижени за својата безбедност но и за домовите, бидејќи мигрантите движејќи се по рутата, често ги посетуваат. Седумдесет и шестгодишниот Круне за македонската телевизија раскажа дека пред само неколку дена мета бил неговиот пчеларник. Овие лица се послужиле со медот, но не ги затвориле кошниците, па семејството Вучковски, кое над 40 години се занимава со пчеларство, бележи голема загуба. Штетата според проценките е до 2.000 евра. Мигрантите ги посетиле и околните напуштени куќи.
„Видов се расфрлано, кошниците, и видов од блиску дека почнаа да зборуваат, тие беа во другата куќа јас избегав не смеев да се вратив, викнав полиција. Потоа дојдоа со комби ги собраа, можеби 20 лица имаше не смеев да гледам“, изјави тој.
Чичко Круне раскажа дека досега неговиот дом неколкупати бил ограбуван. Лани останал и без опремата која што му служела за пчеларникот но и за домаќинството.
„Се плашиме, не ми е страв од овде од селаните, но од мигрантите многупати поминуваат овде кога ќе погледнам се затворам седам внатре додека не заминат, излегуваат од овде одат за Сушево и ја минуваат граница. Границата е на 500 метри“, дополни чичко Круне.
Дека подолго се задржале во Сопот може да се забележи и од местата на коишто палеле огин за да се затоплат.
Дека мигрантите се чести гости во село Сопот потврдува и овој смет кој што останал тука. Доаѓаат, преноќуваат, престојуваат и по неколку дена, и си заминуваат.
Од кумановската полиција информираат дека лани се откриени 341 мигрант, кои илегално ја преминале државната граница. Поднесени се осум кривични пријави за криумчарење мигранти. Биле регистрирани две физички пресметки. Лицата пронајдени во село Сопот, 18 мигранти од Сирија, биле спроведени во транзитен центар Табановце.
Елена Георгиевска
