Од ден на ден расте бројот на диви таксисти низ тетовските улици
Тетово е преплавено од диви таксисти. Стотици такси возила по тетовските улици, а само триесетина од нив лиценцирани. Хаосот и метежот во градот се и поради дивите таксисти кои се паркираат каде ќе стигнат...

Речиси секое такси возило во Тетово работи без лиценца. Се паркираат каде ќе стигнат, а неретко и на местата кои се обележани и платени од десетина лиценцирани таксисти. Зоран Томоски сопственик на такси компанија вели во градот има над 400 таксисти кои работаат незаконски, а едвај триесетина кои ги плаќаат сите давачки, а се на најголем удар на инспекторите.
И од Сообраќајната полицијата ја потврдуваат зголемената бројка на диви таксисти во Тетово, кои се и едни од најголемите виновници за сообраќајниот хаос во градот.
„Надлежните не преземаат мерки да ја сузбијат нелегалната конкуренција, па така и ние лиценцираните таксисти полека се откажуваме од оваа работа“, вели Томоски.
Од Општина Тетово и покрај многуте обиди не добивме одговор дали и што ќе преземат инспекциските служби за решевање на проблемот со дивите таксисти, кои ги узурпираат улиците создавајќи голем сообраќаен хаос во градот.
Зоран Димовски
