Колку граѓаните си ги познаваат правата за слободен пристап до информации?

08.06.2014 16:41

Неопходни се обуки за граѓаните да ги знаат правата за пристап до информациите од јавен карактер, констатираат од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Најмногу се бараат одговори од урбанизмот и за тендерски документации. Државата спроведува програма за отворено владино партнерство...

Колку граѓаните си ги знаат правата за пристап до информациите од јавен карактер? На ова прашање, се чини, веднаш се стигнува до одговорот.

„Голем дел од луѓето не си ги знаат своите права... Треба да се охрабрат и да го применуваат законот...“, велат случајно анкетираните граѓани.

И по осум години од Законот за пристап до информациите од јавен карактер, надлежните признаваат дека на граѓаните треба да им се објаснат нивните права. Комисијата за  заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер почна со обуки.

„Целта на обуките е да ги запознае граѓаните со ова основно човеково фундаментално право, бидејќи од анкетите што ги вршеа одредени Институти и невладини организации, произлезе дека многу мал број граѓани го познаваат Законот“, вели  Јорданка Стојкова Секретаријат на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Потранспарентни се општините од државните институции. Граѓаните  повеќе сакаат устен, отколку писмен одговор.

„Бројот на барања од година во година се зголемува, така што минатата година имавме 27 барања за пристап до информациите од јавен карактер, а оваа година, само досега, имаме 12“, вели Катерина Крстеска, портпарол на  локалната самоуправа на Прилеп.

Најчесто се бараат одговори од урбанизмот и за тендерски документации.

Надлежните појаснуваат – Информација од јавен карактер е секоја со која располагаат институциите. Тие се должни да одговорат веднаш или до 30 дена и да не прашаат зошто им треба информацијата на граѓаните.

Се најавуваат законски измени.

„Институциите ќе бидат со закон обврзани транспарентно да ги промовираат на својата веб страница“, вели Катерина Димеска, член на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Со програмата за отворено владино партнерство, државата најстојува  институциите да ги ставаат сите информации на интернет страниците.

 

Елизабета Митреска