Остри критики за маската со Исус и крстот од гајби на Вевчанскиот карневал
Денеска се палат маските на василичарите во Вевчани. Но не стивнуваат реакциите и критиките за маската со Исус и крстот од гајби за пиво. И од Бигорскиот манастир бараат извинување од организаторите на Вевчанскиот карневал за, како што велат, исмевање на Господ...

Затворањето на Вевчанскиот карневал пропратено со бурни реакции за маската Распетие на Исус. Маската во која неколкумина влечат импровизирани крстови ги повреди чувствата на верниците.
Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, велат понижувачки и недостоинствено, класично сквернавење на Христијанството и неговиот столб.
Реакција пристигна и од Бигорскиот манастир, побараа јавно извинување.
„Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина. Поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд“, стои во реакцијата на Бигорскиот манастир.
Градоначалникот на општина Вевчани вели нема никакви ингеренции врз маските. Василичарите ги креираат и чуваат во потполна тајност се до централното дефиле. Кочоски појаснува градоначалникот не може никако да влијае, ниту да им каже на василичарите какви маски смеат да прават.
Од василичарите од Горна и Долна маала не успеавме да добиеме никаков одговор.
Пред 12 години на сличен начин беше сквернавен Исламот, за што имаше силни реакции од ИВЗ. Апелот на верските заедници до Василичарите тогаш беше да се избегнуваат маски со навредлива содржина кон верските чувства.
