Здравство

Македонска компанија развива тест за рана детекција на карцином

14.01.2024 12:55

Преку крв да се открие канцер – во земјава се развива тест за рана детекција. Дел од тимот е доктор Кунгуловски. Вели идејата е тестот да се воведе во рутинското здравство, таргет да бидат луѓе со семејна историја на канцер и со возраст над 50 години...

Да се открие канцер преку крв, во ран стадиум, додека пациентот воопшто нема симптоми и да се спаси човечки живот без хемотерапии – би бил голем исчекор во медицината. Оваа визија воопшто не е далеку од реалноста – македонска компанија развива тест за рана детекција на карцином.

Со неколку милилитри крв може да се детектираат сигнали на рак, утврдувајќи со висока прецизност од кој орган потекнува – објаснува доктор Горан Кунгуловски, кој со тимот две години интензивно работат на развивање на тестот. Идејата е тој да се воведе во рутинското здравство, таргет да бидат луѓе со семејна историја на канцер и со возраст над 50 години.

„Најверојатно за овој тип луѓе, овој тип тест да биде како еден вид систематски преглед, најмногу два пати во годината кај оние со највисок ризик, кај луѓето со среден или низок ризик на неколку години би било сосема соодветно. Да се развие еден канцер, едно туморно ткиво потребни се барем неколку години, а кај некои канцери дури неколку декади, како на пример кај колоректален канцер“, изјави д-р Горан Кунгуловски, епигенетичар.

Тестот е во фаза на клинички испитувања, за да можат да се спроведат компанијата е во потрага по инвеститори. Доколку се обезбедат финансии од неколку милиони евра, очекувањата се дека тестот за рано детектирање на пет типа карцином ќе биде развиен за две години, а за десетици типови карцином за околу четири. Преговорите се тешки, но доктор Кунгуловски е оптимист.

„Треба да ја валидираме оваа технологија на илјадници испитаници, тоа се илјадници испитаници од кои ние треба да земеме крв и буквално да ги реплицираме сите експерименти кои сме ги направиле досега и сме потврдиле дека функционираат. Доколку севкупната динамика на развој на технологија, севкупната динамика на инвестиции иде според планот, се надеваме дека во наредните барем пет години дека тестот ќе биде сертифициран и ќе биде спремен за рутинска примена во здравството“, изјави д-р Горан Кунгуловски, епигенетичар.

Раната детекција е важна и за здравствениот систем, бидејќи третманот во ран стадиум е два до седум пати поевтин отколку кога болеста е во подоцнежна фаза. Кога тестот ќе биде сертифициран, доктор Кунгуловски се надева дека ќе се применува и во Македонија. Вели, доколку сите канцери се откриваат во почетен стадиум, просечната стапка на преживување ќе се зголеми на околу 90 отсто, во споредба со сегашната од околу 50 проценти. За оваа идеја во научните кругови се размислува една декада, но технологијата не дозволуваше таа да се развие. Во САД ваков тест се употребува во комерцијална употреба и чини 950 долари.

 

Андријана Ѓурческа