Политика

Разговорите за предизборни коалицирања во полн ек

14.01.2024 14:59

Разговори за предизборни коалицирања во тек. Во актуелниот владејачки блок кој го предводи СДСМ размислувања дали да се истрча со ДУИ или одделно. Мицкоски пак обелодени дека партии од власта покажувале сигнали да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ...

Партиски анализи и комбинаторики кој со кого ќе соработува и ќе му биде добитна комбинација на изборите во мај. Разговорите за предизборни коалицирања се во полн ек, но засега познато само дека сите се отворени за соработка. Во актуелниот владејачки блок кој го предводи СДСМ размислувања дали да се истрча со ДУИ или одделно. Детали не се откриваат, но социјалдемократите се погласни во промовирањето на проевропскиот фронт.

Мицкоски пак обелодени дека партии од власта покажувале сигнали да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ. И таму се разговара за најприфатливата опција. Истовремено опозицијата обвинува за предизборен поткуп и партиски вработувања.

И додека Алијанса за Албанците размислува дали во друштво или самостојно да ги истрча изборите, есапот го расипува тројката албански опозициски фронт кој ќе предложи и кандидат за претседател. Со ова, кај интегративците дилемата е поголема-заедно со СДСМ или самостојно. ДУИ е најподготвена политичка партија со кадри кои можат да ги водат сите институции – вели министерот за економија Бектеши во интервју за Радио Слободна Европа.

 

Миле Ристески