ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Огласот за купување земјиште под оранжерии истекува на 17-ти јануари

15.01.2024 08:52

До 17 јануари трае огласот до кога сопствениците на оранжериите можат да поднесуваат барања за купување на земјиштето на кое се наоѓаат овие објекти. Со овој повик треба да се реши проблемот на градинарите чии стакленици се во нивна сопственост, но се изградени на државно земјиште. Јавниот повик важи и за помошните објекти кој се наоѓаат во стопанските дворови …

Право на учество на јавниот повик имаат физички и правни лица кои во катастарот на недвижности се запишани како сопственици на оранжеријата и на помошните објекти во стопанскиот двор.

Комисијата во Министерството за земјоделство во рок од 30 дена по повикот, доставува листа на понудувачи кои ги исполниле условите, а договорите ќе се склучуваат по добиената согласноста од Владата.

Купувачот е должен во период од најмалку 30 години земјиште да го користи за земјоделско производство без промена на неговата намена и промена на функционалната целина.

Во спротивно договорот за продажба ќе биде раскинат, а парцелата вратена во сопственост на државата без надоместок.

Со овој јавен повик кој трае 60 дена и кој беше објавен на 17-ти ноември минатата година, газдите на стаклениците ќе имаат можност да ја купат површината која е во државна сопственост, а на која се наоѓа објектот.

Проблемот настана пред неколку години кога инвеститорите ги купуваа оранжериите, но немаше можност да го купуваат и земјоделското земјиште кое остана под закуп.

Со стекнувањето на имотни листови градинарите ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите и за подигнување на кредити за реновирање и модернизација.

 

Методија Трајков