Хамас сака да ја прошири војната и на Западниот Брег, тврди израелскиот министер за одбрана
Милитантите објавија видео-снимка со израелски заложници, ја повикуваат владата во Тел Авив да ја запре офанзивата во Газа и да направи повеќе за нивно ослободување. Израелските одбранбени сили ја продолжуваат воената акција во Појасот. Американската армија тврди дека пресретнала противбродска ракета истрелана од Хутите во Јемен...

Израелските одбранбени сили продолжуваат со операциите во Појасот Газа од копно, море и од воздух. Главните битки сега се на југ, каде што се привремено сместени речиси два милиона луѓе. Израелскиот министер за одбрана Галант тврди, Хамас сака да ја прошири војната и на Западниот Брег. Првпат извршен упад во палестинскиот Национален универзитет Ан-Наџа. Уапсени се неколку студенти.
„Проектил падна врз нашите соседи, но не детонираше. Немавме време да стигнеме до другата улица пред да го погоди трет проектил. И, како што гледате, ваква е ситуацијата, уништување по уништување. Седите среќно и безбедно во вашиот дом, со сè што е обезбедено за вашите деца и децата на другите раселени луѓе, а потоа за неколку секунди ќе изгубите се“, изјави Ахамд ал-Остаз, жител на Деир ал-Балах.
Хамас емитуваше видеоснимка на која се гледаат тројца израелски заложници кои ја повикуваат влада во Тел Авив да ја запре офанзивата во Газа и да направи сè да бидат ослободени. Снимката од 37 секунди завршува со кајрон на кој пишува „утре ќе ве известиме за нивната судбина“. Претходно, портпаролот на Хамас изјави дека многу израелски заложници држени во Појасот Газа, најверојатно се убиени и го обвини Израел за нивната судбина. Од Тел Авив велат дека бараат начини да ги вратат заложниците дома.
„Секоја минута и секоја можност се значајни за да ги вратиме заложниците во Газа. Немаме намера да се повлечеме од Кан Јунис или од кое било друго место. Воената акција бара време. Тоа бара од нас да бидеме прецизни, а ние се приспособуваме на заканите и на заложниците што се во областа. Нема магија. Потребни се време и најмногу решителност“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Од друга страна, лидерот на Хезболах, рече дека ќе ги продолжи судирите со израелските сили на границата со Либан до крајот на израелската офанзива во Газа.
„Во оваа битка, по 100 дена, Израелците, функционерите, воените и политичките лидери, аналитичарите, медиумските личности, писателите велат дека Израел по 100 дена е заглавен во неуспех. Некои ја користат фразата „длабока дупка“ од која непријателските водачи не знаат како да излезат“, изјави Сејед Хасан Насрала, лидер на Хезболах.
Вчера, во Израел и во светот се одржаа собири на 100 дена од војната. Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, при посетата на Египет вели дека војната во Газа продолжува да ескалира и повика на меѓународна мировна конференција.
„Ја истакнавме нашата загриженост за проширувањето на конфликтот во регионот. Мораме да го ублажиме конфликтот и да дадеме приоритет на обезбедување на безбедноста на пловидбата во Црвено Море. Повеќе важно е да се почне со спроведување на решението за две држави за да се отвори политички хоризонт за мир меѓу Палестина и Израел“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Во меѓувреме, американски воени авиони соборија противбродска крстосувачка ракета истрелана од Хутите од Јемен, соопшти американската Централна команда.
Маријана Димовска
