Мониторинг мисија на УНЕСКО во февруари во Охридскиот регион
Во февруари во Охридскиот регион повторно доаѓа мониторинг мисијата на УНЕСКО. Ќе се проверува до каде е спроведувањето на препораките. Министерката за култура вели поголемиот дел од обврските се на локалните самоуправи …

Мониторинг мисијата на Унеско идниот месец повторно доаѓа на увид во Охридскиот регион. На терен ќе се проверува до каде е спроведувањето на препораките. Најголем дел од обврските се на општините, вели министерката за култура. Таму каде не се почитува мораториумот за градба и се изградени дивоградби ќе мора да постапи Државниот градежен инспекторат.
„Знаете дека законот за легализација на бесправно изградените градби е повторно повлечен од законска процедура токму поради забелешките на националната комисија на УНЕСКО, каде што реагиравме дека не може сè што е изградено во заштитено подрачје да се прогласи за легална градба“, вели Бисера Костадиновска-Стојчевска министер за култура.
Струга до денес не изготви регистар на дивоградби, но преку новиот софтвер од НП Галичица се скенира целиот терен кој ќе ги открие нелегалните градби.
„Заедно со НП Галичица, направено е скенирање на целиот терен на Охридскиот регион и ќе утврдиме што е тоа што е дивоградба во општина Струга независно од тоа што општина Струга тврди. Општина Струга има поднесено повеќе предмети до Националната комисија на Унеско, но се дозволија само неколку кои беа по закон“, додава Костадиновска-Стојчевска.
Уривање на дивоградби и ограничување на градбите во старото градско јадро се само дел од задолженијата што им ги даде Владата на надлежните институции по препораките на УНЕСКО.
Соња Рилковска
