исланд

Лавата од вулканот ги голта куќите во Гриндавик, нивото на тревога зголемено

15.01.2024 12:23

Драматично на Исланд. Лавата од вулканот ги голта куќите во Гриндавик. Рибарскиот град од претходно е евакуиран, а службите на 4-те илјади жители им порачаа да не се враќаат. Властите повикаа на единство, велат, оваа мала нација е големо семејство кое заедно се соочува со предизвиците …

Живописното рибарско гратче Гриндавик на Исланд во борба со природата. Вжештената лава по ерупцијата на вулканот веќе ги проголта првите куќи, со потенцијал за натамошни разорувања на областа. Откако поставените бариери делумно беа пробиени, властите прогласија највисоко ниво на тревога во областа.

„Ова е многу сериозно. Ќе ја продолжиме поддршката за граѓаните, ќе ги платиме трошоците за домување, но и ќе ги зголемиме напорите да обезбедиме повеќе станови за жителите на Гриндавик. Ќе продолжиме колку што можеме да градиме бариери за да го заштитиме градот.

„Сè уште градиме бариери и се обидуваме да ја пренасочиме лавата западно од Гриндавик, но има пукнатина, па лавата навлезе во градот. Сега изнаоѓаме начин за нови бариери или да ја пренасочиме лавата кон ладење, да биде подалеку од пристаништето и областа на индустријата“, изјави Виџир Реинсон, директор на цивилна одбрана.

Жителите на градот беа претходно евакуирани по силната сеизмичка активност во областа. Властите апелираат никој да не се приближува до местото, а вулканолозите предупредуваат дека лавата може да ги влоши здравствените проблеми, особено кај лицата со респираторни проблеми.

„Навистина не можам да замислам низ што минуваат луѓето. Малку е чудно чувството да се види како се уништува град со бавно движење. Тешко е да се опише со зборови што чувствувам, многу сум тажен поради ова што се случува“, изјави Јорен Ван Неинвенхоф, фотограф.

„Во моментов сум многу тажен. Многу е тешко да се гледаат овие луѓето кои ги загубиле домовите или најверојатно во многу брзо време ќе ги загубат“, изјави Јулие Кермарек од Агенција за животна средина на Исланд.

На полуостровот Рејкјанес ова е втора вулканска ерупција за 30 дена. Во минатиот месец градот Гриндавик не беше зафатен од вулканската активност, иако жителите беа евакуирани. На Исланд има над 30 активни вулкани.

 

Маја Стојанова