Хамас објави видео со израелски заложници со порака до Тел Авив, да запре офанзивата
Блискиот Исток врие како експрес лонец. Израелскиот министер за одбрана Галант предупреди дека Хамас сака да ја пренесе војната од Газа во Западниот Брег. Тој откри дека се влезени во нова фаза, кога јужниот дел на енклавата е во нивниот фокус. Растат и стравувањата од прелевање на конфликтот, откако САД соборија противбродска ракета истрелана од Хутите во Црвено Море…

Сто дена во неизвесност за судбината на киднапираните мажи и жени од Појасот Газа. Хамас емитуваше видеоснимка со израелски заложници како ја повикуваат владата во Тел Авив да ја запре офанзивата и да направи сè да бидат ослободени. Меѓу луѓето на видеото е и девојка киднапирана на фестивалот „Супернова“. Од Тел Авив велат дека бараат начини да ги вратат заложниците дома.
„Секоја минута и секоја можност се значајни за да ги вратиме заложниците во Газа. Немаме намера да се повлечеме од Кан Јунис или од кое било друго место. Воената акција бара време. Тоа бара од нас да бидеме прецизни, а ние се приспособуваме на заканите и на заложниците што се во областа. Нема магија. Потребни се време и најмногу решителност“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Израелските одбранбени сили продолжуваат со операциите во Појасот Газа од копно, море и од воздух. Главните битки сега се на југ, каде што се привремено сместени речиси два милиона луѓе. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји при посетата на Египет изјави дека војната во Газа продолжува да ескалира и повика на меѓународна мировна конференција.
„Ја истакнавме нашата загриженост за проширувањето на конфликтот во регионот. Мораме да го ублажиме конфликтот и да дадеме приоритет на обезбедување на безбедноста на пловидбата во Црвено Море. Повеќе важно е да се почне со спроведување на решението за две држави за да се отвори политички хоризонт за мир меѓу Палестина и Израел“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Во меѓувреме, американски воени авиони соборија противбродска крстосувачка ракета истрелана од Хутите од Јемен. Акциите против групата поддржана од Иран, за запирање на нападите во Црвено Море беа изведени и викендов под палката на Вашингтон и Лондон. Од Обединетото Кралство велат дека очекуваат одговор за нападите од викендот.
„Да почекаме и да видиме што ќе се случи во интернационалните води. Не е дека сакаме да бидеме вклучени во акција во Црвеното Море. Но, на крајот слободата на пловидба е меѓународно право што мора да се заштити“, Грант Шапс, секретар за одбрана на Обединетото Кралство.
Од друга страна, лидерот на Хезболах рече дека ќе ги продолжи судирите со израелските сили на границата со Либан до крајот на израелската офанзива во Газа.
Маријана Димовска
