Балканската стрип уметност претставена во Брисел
На изложбата можат да се забележат и делата на македонските автори Филиповски и авторот познат по псеводнимот Диномо...

Балканската стрип уметност деновиве привлекува бројни посетители на изложба во Брисел. Се претставуваат највпечатливите и најпопуларните стрипови изминативе неколку децении.
„Пораката која се праќа е луѓето да го видат квалитетот на балканскиот стрип, разноликоста, да видат како балканскиот стрип се променил во текот на годините, и како времето влијаело на него“, вели Стефан Симончиќ, куратор на изложбата.
Меѓу стотиците изложени дела кои и денеска ги фасцинираат пасионираните љубители на оваа меинстрим уметност – воените другари Мирко и Славко го потврдуваат својот статус на легенда.
„Убаво е после сите тие војни, потребно, впрочем и самата изложба се нарекува Отпор, да се обединиме преку уметноста, како што и неодамнешните поплавите на просторот на поранешна Југославија што ги обедини луѓето... Љубопитен сум да видам, бидејки во моето семејство имаме цртач на стрипови... Изложбата е многу убава. Посебно ми е драго што има многу убави и ретки примероци“, велат случајно анкетираните посетители на изложбата.
На изложбата можат да се забележат и делата на македонските автори Филиповски и авторот познат по псеводнимот Диномо.
Но, ова е вистинска реткост. Делата на македонските автори на стрипови се многу тешко достапни, вели Младен Новаковиќ. Најголемиот дел од изложените примероци се токму на овој колекционер.
„Македонски автори на стрипови се малку, нивните оргинали ги нема многу. Да речеме Љубомир Филиповски кој победи на натпреварот на Плав весник во 60 сетите години. Подоцна тој разви добра продукција која се појавуваше секаде , но најмалку во Македонија. Македонците објавуваа најчесто други автори. Многу е тешко да се најдат неговите оргинали, јас сум еден од ретките кои успеал“, изјави Младен Новаковиќ.
Според Новаковиќ, изненадувачки но најпопуларни и понатаму се вестерн, потоа следат историските и гег стриповите, иако изминативе години се почесто авторите прибегнуваат кон светот на фантазијата, чудовишта и други хорор содржини.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
