За магнетна резонанца се чека со месеци, министерот проблемот ќе го решава со нови вработувања
Граѓани со месеци чекаат термин за магнетна резонанца. Кога ќе го добијат и ќе се снимат, повторно чекање – овојпат за резултати. Министерот уверува дека проблемот ќе се надмине со вработување кадар, но Меџити прстот го впери и кон лекарите, кои според него, неосновано издавале упати...

Да се дојде до термин за магнетна резонанца, не е единствен проблем за пациентите. Откако ќе се снимат, се соочуваат со нов предизвик. Поради недостиг од кадар, пациенти меѓу кои има и болни од канцер, со месеци чекаат лекарот да им ги прочита резултатите. Според системот Мој Термин, преглед кај специјалист на Институтот за радиологија не може да се закаже во наредните три месеци.
„Чекам резултат од снимка на кичмата, томографија, затоа што имав многу болки, ми рекоа 10 работни дена. од 29-ти ноември, денеска е 15-ти, има повеќе работни дена, меѓутоа не е прочитана снимката. Чекам да ја прочитаат и да го напишат резултатот, се надевам ќе дочекам“, вели пациентка.
„Долго се чека, што да кажам“, вели друг пациент.
Од Институтот за радиологија објаснуваат дека термините за снимања честопати се злоупотребуваат, се закажува магнетна резонанца и кога пациентот нема потреба од тоа.
„Треба да се прави правилна тријажа на пациентите, значи да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа апелирам и кон своите колеги, да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние, на кои навистина магнетната резонанца им е неопходна. Во тој случај, ние би биле и далеку поефикасни“, изјави д-р Гордана Антулеска Белческа, директор на Институтот за радиологија.
Министерот Меџити, проблемот со термините ќе го решава со нови вработувања, но и со надгледување на матичните лекари при издавање упат.
„Ќе ги надгледуваме во мој термин сите лекари што даваат упати за магнетна резонанца. Ќе ја смени дијагнозата и ќе даде упат, затоа што итноста во здравството е многу комплексна работа, може да ти доаѓа со обична главоболка после три месеци, ама може од тоа да излезе и нешто. Но, сепак за тоа има стручни лица и тие одлучуваат дали треба да се снима или не“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Сепак, според Меџити, има подобрување на состојбата во Институтот оти според него, сега за термин не се чека како порано.
Андријана Ѓурческа
