Дали Васко Наумовски ќе биде нов преговарач за името?!
На ова прашање премиерот Никола Груевски денеска кратко одговори- ќе видиме! Се чекало доаѓањето на Јолевски во земјава кој во новата влада го превзема ресорот одбрана, со него ќе се разговарало и заеднички ќе се донело решение – изјави премиерот Груевски...

Дали Васко Наумовски, некогашниот министер за евроинтеграции во владата на Никола Груевски, како нов амбасадор во Соединетите Американски држави, ќе стане и нов преговарач за името со Грција од македонска страна? Дали ќе го замени досегашниот преговарач Зоран Јолевски?
На ова прашање премиерот Никола Груевски денеска кратко одговори- ќе видиме! Се чекало доаѓањето на Јолевски во земјава кој во новата влада го превзема ресорот одбрана, со него ќе се разговарало и заеднички ќе се донело решение – изјави премиерот Груевски.
И во претседателскиот кабинет на Иванов, МТВ доби сличен одговор дека за прашањето преговарач за името во спорот со Грција- државниот врв дополнително ќе се координира.
Инаку Груевски денеска уште еднаш нагласува за подготвеноста на земјава да се реши деценискиот спор со јужниот сосед.
„Од наша страна ќе има волја, како и секогаш, ќе има максимум напори и обиди, но како што занете тоа ние не можеме сами да го решиме- има и втора страна. Без нејзина подготвеност, прашањето е невозможно било кој да го реши. Сепак, не навлегувајќи во внатрешните работи на нашиот сосед, дали ќе има или ќе нема предвремени избори, ние остануваме на ставот дека сакаме решение и ќе направиме се што е во наша моќ тоа да го имаме, бидејќи е од наш интерес, а верувам и дека е од интерес на нашиот сосед“, изјави денеска премиерот Груевски.
Новиот македонски амбасадор во САД остана недостапен за коментар околу комбинаториките дали тој евентуално би прифатил да седне спроти Василакис. Зоран Јолевски во преговорите учествува од 2008-та. Тој во 2009-та на преговорите кои се одвиваа во Женева ќе изјави: „Ние сме подготвени на компромис за името што нема да го поткопа нашиот национален идентитет и достоинство“. Пред Јолевски во преговорите учествуваше амбасадорот во САД, Никола Димитров, а прв преговарач за името беше Иван Тошевски.
Миле А. Ристевски
