Продолжува конфликтот меѓу Хезболах и израелската армија
Не запираат гранатирањата во Газа. Продолжува конфликтот меѓу Хезболах и израелската армија. Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш, повика да престане „да се игра со оган“ на Блискиот Исток...

Израелската војска соопшти дека постои сериозна загриженост за судбината на заложниците чијашто смрт беше објавена во видеоснимка на Хамас. Тел Авив ги негира тврдењата на исламистичката група, ниту еден од нив не бил убиен во израелско бомбардирање. Околу половината од израелските заложници беа ослободени во текот на краткотрајното примирје во ноември, но израелските власти велат дека 132 остануваат во Газа, а 25 загинале во заложништво.
„Зградата во која беа чувани не беше цел и не беше нападната од нашите сили. Ако ја знаевме нивната локација во реално време, не напаѓаме место каде што знаеме дека може да има киднапирани“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Израелската армија објави дека нејзините копнени сили почнале да дејствуваат во централниот дел на Појасот Газа, со што дополнително ја прошириле офанзивата против Хамас. Меѓународните агенции ги засилија напорите за дистрибуција на храна за раселените жители во Газа поради тековните израелски напади на територијата. Генералниот секретар на Обединети нации, Гутереш изјави дека единствено одржливо решение е итен хуманитарен прекин на огнот и апелираше до Хамас за итно и безусловно ослободување на заложниците.
„Обединетите нации и нашите партнери не можат ефективно да испорачуваат хуманитарна помош додека Газа е под толку тешко, широко распространето и немилосрдно бомбардирање“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Дополнителен притисок на Блискиот Исток се и нападите од Хутите поддржани од Иран. Од групата велат дека ќе продолжат со акциите во Црвеното Море додека не престане агресијата врз Газа.
„Поморските сили изведоа воена операција чија цел беше американски брод користејќи голем број соодветни поморски ракети и ударот беше прецизен и директен. Вооружените сили на Јемен ги сметаат сите американски и британски бродови кои учествуваат во агресијата против нашата земја како непријателски цели. Јеменските вооружени сили нагласуваат дека одговорот на американските и британските престапи секако доаѓа и секоја нова агресија нема да помине без одговор и казна“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Нова размена на оган меѓу Израел и Хезболах и на границата со Египет и со Либан. Во израелскиот град Ранани беа регистрирани три синхронизирани напади. Рации и престрелки и на Западниот Брег.
Маријана Димовска
