Ирак - Иран - Сирија -Турција

Иран нападна цели во Ирак и Сирија

16.01.2024 11:42

Нови жаришта на Блискиот Исток. Иран нападна цели во Ербил во Ирак и во Сирија. Техеран тврди дека на удар биле шпионски центри и терористички групи. САД го осудија нападот. Багдад обвини за агресија.

Иранската револуционерна гарда истрела проектили кон израелски шпионски штаб во близина до американскиот конзулат во северниот ирачки град Ирбил, и врз цели поврзани со екстремистичката група Исламска држава во северна Сирија. Ракетирањето е одмазда за убиството на висок ирански генерал и за неодамнешните терористички напади во Иран. Најмалку четворица цивили загинаа, неколкумина се повредени. Ирак ја осуди агресијата и најави дека ќе преземе правни мерки.

„Седевме безбедно и мирно во нашата куќа. Одеднаш, слушнавме голема експлозија. Имаше приближно шест проектили кои ја погодија областа и беспилотни летала. Немаме проблеми со никого. Немаме ни полициска станица во селото. Не знам зошто го направија ова“, изјави Хабиб Шема Харун, очевидец.

Нападите доаѓаат во време на зголемени тензии во регионот и стравувања од пошироко прелевање на тековната војна во Појасот Газа. Од Стејт департментот со осуда за нападите. Според Вашингтон, непромислените ирански ракетни напади ја поткопуваат стабилноста на Ирак. Кинеското МНР повика на воздржаност и апелираше суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на двете земји да се почитуваат.

„Ги повикуваме сите засегнати страни да покажат воздржаност од активности кои би довеле до ескалација на тензиите и да вложат заеднички напори за одржување на мирот и стабилноста во регионот“, изјави Мао Нинг, портпарол на кинеското МНР.

Турското Министерство за одбрана пак, соопшти дека погодиле цели во Ирак и Сирија по нападот кога загинаа девет турски војници во северен Ирак минатата недела.

„Уништени се вкупно 78 цели во пештери, бункери, засолништа и нафтени капацитети. Неутрализирани се вкупно 77 терористи. Нашата борба против тероризмот ќе продолжи со зголемено темпо сè додека не остане ниту еден терорист“, рече Јашар Ѓулер, министер за одбрана на Турција.

Турција често изведува напади врз цели во Сирија и Ирак за кои верува дека се поврзани со Курдистанската работничка партија.

 

Маријана Димовска