Македонија

Николовски: Чичко ми е вработен во М-НАВ пред да се родам, а внукот е школуван во Јапонија

16.01.2024 12:45

Министерот за земјоделство Николовски ги отфрли сомнежите за влијание и непотизам при вработување на негови роднини во М-НАВ.

Мојот чичко работи во Македонска навигација уште од времето пред да се родам, внукот е професионалец школуван во Јапонија-министерот за земјоделство Николовски ги отфрли сомнежите за влијание и непотизам при вработување на негови роднини во М-НАВ.

„Уште еднаш ќе повторам, чичко ми е вработен во М-НАВ уште пред да се родам, а внукот е школуван 20 години надвор од државата, во Јапонија, Кина и Словенија. Знаете за каков кадар станува збор? За највисокиот стручен кадар. Чичко ми работел во М-НАВ уште пред 40 – 50 години, зарем мислите дека некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал и се вработил пред 1983 година? И тоа ви е најважната тема? Зошто не бевте на брифингот кога го заокружуваме сработеното во земјоделството за 2023 година? Не е убаво да праќате порака дека квалитетот не треба да се цени. Треба да ги отвориме вратите, секој да има еднакви шанси, а јас не сум влијаел. Имаше и постапка во ДКСК која е комплетно затворена. Вие може да проверите низ сите институции каква била постапката и дали станува збор за некој што не е квалификуван или школуван и дали доаѓа во областа што треба“, истакна Николовски.

Според него, земјава треба да има професионална администрација и да му обезбеди шанса на секого.