Расплетот околу техничката влада треба да почне идната недела
Идната недела треба да почне расплетот околу техничката влада. Премиерот денеска имал консултации со собранискиот спикер Џафери и со координаторот Митрески. Ковачевски ќе ги запази роковите за поднесувањето на оставката. ВМРО - ДПМНЕ сè уште треба да ги дефинира имињата на нивните кадри во владата за спроведување на изборите.

Кон крајот на следната недела, премиерот Ковачевски ќе поднесе оставка од функцијата. Тоа ќе го направат и дел од министрите, кои своите места ќе ги отстапат на кадри на опозицијата. Редоследот на настаните бил утврден на средба меѓу премиерот, спикерот на Собранието, Џафери, кој ќе биде технички премиер и координаторот на пратеничката група на СДСМ Митрески, кој ќе стане прв меѓу еднаквите во Законодавниот дом.
Ковачевски потврди дека е во комуникација со Мицкоски, но, не гледа потреба за лидерска средба. ВМРО-ДПМНЕ по Водици ќе ги утврди нивните кадри во техничката влада.
Согласно воспоставената пракса, имињата на претседателските кандидати и на изборните листи за пратеници се очекува да се држат во тајност до самиот крај.
Марина Стојанова Тонева
