Метеж на пунктот „Пролет“, документи се пополнуваат и на корпа за отпадоци
На пунктот за фотографирање за лични документи и денеска метеж. Се чека и кога треба да се подигнат документите. Премиерот не ја отфрла иницијативата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, но, посочи дека одлуката е на Уставниот суд. Со министрите разговарал, но, за пасошите се чека абер од Грција…

Турканици, караници, чекање со часови – слика пред пунктот „Пролет“ каде граѓаните доаѓаат да се фотографираат за лични документи без закажување. Луѓето се жалат на недоволна ажурност на полициските службеници. Наместо на шалтер или биро, документите ги пополнуваа и на корпа за отпадоци.
„Прв пат доаѓам, чекаме веќе два ипол часа.“
„Не знаат да работаат. Нас не тераат тука да чекаме, не знам што е проблемот. Не ги разбирам, за гласањето ги продолжуваат личните карти, а пасошите не ги продолжуваат.“
„Три часа чекам тука на ладното, се мрзнеме. Како да не сум револтирана, треба да се преземат мерки, да се воведе некој ред.“
„Петти пат доаѓам, не можам да чекам. Нога ме боли, кичма ме боли. Се нервирам. На 20 минути примаат по тројца, а овде има стотина. До пет часот не можам да завршам.“
„Стоиш, чекаш и се нервираш. Втор пат доаѓам, во петокот пет саати чекав и во пет часот вратата ја затворија“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Редици и на шалтерите за подигнување лични документи. Надлежните укажуваат дека личните карти со старото име ќе важат и по 12-ти февруари. За пасошите и возачките дозволи, премиерот разговарал со министрите, но, Владата чека потег од шефот на државата.
„Со грчките власти немам разговарано, нели претседателот на државата презеде обврска да се слушне со претседателката на Грција. Имавме разговори со ресорните министри, ја видов и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд, јас таа иницијатива не ја отфрлам, но меѓутоа на крајот тоа ќе биде одлука на Уставниот суд“, изјави премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Досега се издадени над 1.200.000 пасоши во државава.
Викторија Милевска
