Македонија

Николовски ги отфрли обвинувањата за непотизам при вработување негови роднини во М-НАВ

16.01.2024 14:39

Мојот чичко работи во Македонска навигација уште од времето пред да се родам, мојот внук е професионалец школуван во Јапонија – министерот за земјоделство Николовски ги отфрли сомнежите за непотизам при вработувањето на негови роднини во М-НАВ. Опозицијата обвини за семејни стебла во Македонска навигација …

Не бил роден кога неговиот чичко се вработил во Македонска навигација, како тогаш можел да влијае на вработувањето на некој што стручно се усовршувал, а се вработил во 80 – тите години, беше одговорот на министерот за земјоделство Љупчо Николовски откако новинарите го прашаа за обвинувањата дека негови блиски се дел од тимот на М-НАВ. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за семејни врски при вработувањата во М-НАВ. Оттаму посочија низа имиња на роднини на функционери.

После упадот и превирањата во оваа институција, Трудовиот инспекторат влезе да ја провери законитоста на вработувањата. Оттаму посочија дека нема да се занимаваат со роднински врски, туку со стручноста на оние кои се вработиле и дали ги исполниле законските услови за работните места за кои се примени. Инспекторатот ќе ги соопшти наодите најдоцна до следната недела.

 

Фиљана Кока