Објавени деталите за новиот изглед на Плаошник
08.06.2014 20:24
Со одобрение од Министерството за транспорт и врски се градат три комплекси кои содржат шест објекти, согласно деталниот урбанистички план на Охрид, едногласно донесен во 2010-та година според препораките на УНЕСКО...

Активностите за возобновување на Светиклиментовиот универзитет, кој ќе биде сместен на локалитетот Плаошник во Охрид се во почетна фаза, а вечерва на ТВ Алфа беше претставен новиот изглед на целиот комплекс.
Со одобрение од Министерството за транспорт и врски се градат три комплекси кои содржат шест објекти, согласно деталниот урбанистички план на Охрид, едногласно донесен во 2010-та година според препораките на УНЕСКО.
На површина од околу 900 квадратни метри од левата страна на црквата ќе се простираат манастирските конаци. Веднаш до нив ќе биде резиденцијата на МПЦ.
На местото на охридската школа на Свети Климент, ќе биде сместен богословскиот факултет. Зградата во која ќе бидат сместени амфитеатарот и предавалните е спој на традиционалната охридска и црковна традиција.
До Универзитетот, ќе бидат изграден Музејот. Подот во оваа зграда чија градба е инспирирана од охридската традиционална куќа, ќе биде стаклена галерија од каде што ќе се гледаат археолошките остатоци од Светиклиментовиот универзитет.
Во овој комплекс ќе се наоѓа и една од најбогатите библиотеки на Блаканот во која ќе можат да се пронајдат голем број од книжевните дела на големиот учител и просветител.
Во вечното светилиште ќе биде сместена и галеријата на охридски икони кои се со непроценлива вредност. Свое место во зградата ќе добие и МАНУ за меѓуакадемски научни средби.
Плаошник ќе има и свој плоштад. Новоизградените објекти со пешачки патеки ќе бидат споени со ова централно кружно место каде е лоциран споменикот на Свети Климент под кој се наоѓа вечниот оган. Одовде ќе се гледаат сите градби, во кои се наталожени слоеви историја, кои се симбол и печат на времето во кое се создава.
Посетителите ќе можат да уживаат и во Светиклиментовата градина, кое се најавува како катче за одмор и креативна инспирација.
Потребата од возобновување на Светиклиментовиот Универзитет произлегува од импактот на оваа школа која има огромен придонес во описменувањето на словенскиот свет, објави телевизијата.
Плаошник со овој проект станува културен и научен центар, кој воедно ќе биде и магнет за странските туристи.
