Давос

Пендаровски ќе учествува на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“ на Светскиот економски форум во Давос

17.01.2024 09:34

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, ќе говори на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“.

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос денеска, ќе говори на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, со почеток во 18:15 часот.

Во фокусот на дебатата се очекува да бидат перспективите за проширување на Европската Унија кон земјите кон Западен Балкан, нивната подготвеност за реализација на реформите, очекувањата од европските избори, подобрувањето на економската интеграција на регионот и неговиот раст.

На сесијата се очекува учество на шефови на држави и влади и министри на земјите од регионот и поширико од Европа, како и претставници на бизнисот и невладиниот сектор.

Меѓу најавените излагачи на сесијата се и Мирек Душек, директор на Светскиот економски форум, Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум, Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Молдавија, Дорин Рецеан, Тања Фајон, вицепремиер и МНР на Словенија, Сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, Мирослав Лајчак, Специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западен Балкан, Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина и други високи претставници.