БЛИСКИ ИСТОК

Иран со ракети и беспилотни летала го нападна Пакистан

17.01.2024 09:48

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Иран изврши воздушен напад во Пакистан. Исламабад со осуда на нападот, најави одмазда. САД соопшти дека гранатирале цели на Хутите во Јемен. Во Газа и натаму се водат жестоки борби меѓу Израел и Хамас...

Со ракети и беспилотни летала, Иран уништи две упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во пакистанската југозападна провинција Белуџистан. Загинале две деца. Пакистан вети одмазда. Нападот доаѓа откако Иран лансираше ракети во северен Ирак и Сирија. Последната ескалација на непријателствата на Блискиот Исток, војната во Газа, можност за поширок регионален конфликт. САД извршија трет напад врз Хутите во Јемен, при што погодија четири балистички ракети подготвени за истрелување.

„Мобилизиравме коалиција од земји да преземат удари за да ги деградираат способностите на Хутите. Така, нивната способност да монтираат постојани и сложени напади, станува потешка со текот на времето. Очекувавме дека Хутите ќе продолжат да ја загрозуваат оваа критична артерија и го задржуваме правото да преземеме понатамошни активности“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.

Претходно, портпаролот на Хутите изјави дека извршиле ракетен напад врз носач на нафта, кој плови под знамето на Малта, во Црвено Море.

„Јеменските оружени сили ќе продолжат да ја спречуваат навигацијата на израелските бродови или бродови поврзани со израелскиот непријател и во Арапско и во Црвено Море, додека не ја прекинат агресијата и не ја укинат блокадата на непоколебливите палестински луѓе во Газа“, изјави бригадниот генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Катар и Франција постигнаа договор со Израел и палестинската исламистичка група Хамас за итна испорака на лекови на речиси 45 израелски заложници кои ги држеше Хамас во Газа, во замена за испорака на хуманитарна и медицинска помош за најранливите палестински цивили. Над 100 заложници остануваат во заробеништво на Хамас, меѓу кои и шест Американци. Хамас соопшти дека нема да ослободи други, додека Израел не ја заврши војната.

„Да се продолжи со воените операции во Газа како што е предвидено. Во опасност е самата безбедност на Израел, на долг рок, имајќи ги предвид последиците низ целиот регион. Затоа, ние ќе продолжиме да притискаме за дипломатски иницијативи, резолуции, дискусии за повикување на прекин на огнот и ќе работиме на билатерално ниво“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Белата куќа соопшти дека испратила висок функционер на Блискиот Исток за да помогне во преговорите за договор меѓу Израел и Хамас за ослободување на заложниците држени по нападите на 7-ми октомври. Во Газа битките продолжуваат. Напади и во Западниот Брег, има жртви.

 

Маријана Димовска