Непријателствата на Блискиот Исток предупредуваат за опасност од поширок регионален конфликт
Последната ескалација на непријателствата на Блискиот Исток, предупредува од опасност од поширок регионален конфликт. Тел Авив ги засили нападите на југот од Газа. Рации и напади во Западниот Брег. Иран со проектили нападна упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во соседен Пакистан. Исламабад со остра осуда, се заканија со одмазда.

Катар и Франција постигнаа договор со Израел и Хамас за итна испорака на лекови за 45 израелски заложници во замена за хуманитарна и медицинска помош за палестински цивили. На израелската национална телевизија потврдена смртта на двајца израелски заложници кои претходно беа објавени во видео-снимка од Хамас. Белата куќа испрати висок функционер на Блискиот Исток за да помогне во преговорите.
„Во опасност е самата безбедност на Израел, на долг рок, имајќи ги предвид последиците низ целиот регион. Затоа, ние ќе продолжиме да притискаме за дипломатски иницијативи, резолуции, дискусии за повикување на прекин на огнот и ќе работиме на билатерално ниво“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Тел Авив ги засили нападите на југот од Газа. Рации и напади во Западниот Брег, има жртви. Последната ескалација на непријателствата на Блискиот Исток предупредува од опасност од поширок регионален конфликт. САД извршија трет напад врз хутите во Јемен како одмазда за нападнатиот брод кој пловел под знамето на Малта.
„Мобилизиравме коалиција од земји да преземат удари за да ги деградираат способностите на Хутите. Очекувавме дека ќе продолжат да ја загрозуваат оваа критична артерија и го задржуваме правото да преземеме понатамошни активности“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.
Претходно, портпаролот на Хутите изјави дека нападите ќе продолжат се дури страдаат палестинските граѓани.
„Јеменските оружени сили ќе продолжат да ја спречуваат навигацијата на израелските бродови или бродови поврзани со израелскиот непријател и во Арапско и во Црвено Море, додека не ја прекинат агресијата и не ја укинат блокадата на непоколебливите палестински луѓе во Газа“, изјави Бригаден Генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Откако Иран ракетираше цели во Сирија и во Ирак, со проектили нападна и упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во соседен Пакистан. Загинаа две деца. Властите во Исламабад со остра осуда, се заканија со одмазда.
Маријана Димовска
