Миграција

Португалија ја губи младата генерација, годишно 65.000 млади ја напуштаат земјата

17.01.2024 12:07

Економската емиграција, желбата за подобар живот станува модел на живеење и во земјите членки на Европската унија. Очигледен пример е Португалија во која младата генерација до 39 години заминува во побогатите европски земји, но и на северноамериканскиот континент. Годишно од една од најсиромашните земји на Унијата заминуваат и по 65 илјади млади, од нив една третина се бремени жени…

Португалија забрзано ја губи младата генерација, земјата е со највисок степен на емиграција во Европа. Околу 30 насто Португалци живеат во побогатите земји во светот, над 850 илјади млади на возраст до 39 години заминале од државата. Околу 30 насто од иселените биле бремени жени, покажува државната статистика.

Аеродромите се сведоци на иселеничкиот бран. Во Швајцарија, Велика Британија, Луксембург, Холандија, во Скандинавија се формираат португалски населби. Во една од нив живее и Томас.

„Во Холандија платите се двапати повисоки од португалските, а животните трошоци не се толку повисоки, можеби само за 10 насто. Има голема разлика меѓу платите и животните трошоци“, изјави Томас-иселеник во Холандија.

„Од 65 илјади Португалци кои заминуваат секоја година, 70 насто се под 35 години. Младите заминуваат на почетокот на работниот век, пред да станат родители. Просечно 2.200 се враќаат годишно, повеќето се на возраст до 40 години“изјави Руи Пења Пиреш-координатор на опсерваторијата за миграции.

Се враќаат ли навистина? Томас посакува тоа да се случи, но не е докрај убеден.

„Така планирам, би сакал, но кога Португалија ќе се промени на подобро“вели Томас-португалски иселеник во Холандија.

Најмногу португалски иселеници, околу 600 илјади, живеат во Франција, 40 насто од нив во Париз.

Зоран Богатинов