Пакистан се закани со одмазда по нападот од Иран
Пакистан го отповика амбасадорот од Техеран и се закани со одмазда по иранските напади врз провинцијата Балуџистан. Тел Авив ги засили нападите на југот од Газа. Рации и напади во Западниот Брег. Ракетирање и на границата со Либан. Тензии во Црвеното Море. Последната ескалација на непријателствата на Блискиот Исток, предупредува од опасност од поширок регионален конфликт...

Откако Иран ракетираше цели во Сирија и во Ирак, со проектили нападна и упоришта на сунитската група Џаиш ал-Адл во соседен Пакистан. Загинаа две деца. Властите во Исламабад се заканија со одмазда.
„Пакистан го задржува правото да одговори на овој незаконски чин, а одговорноста за последиците ќе биде директно на Иран. Пакистан реши да го отповика својот амбасадор од Иран, а иранскиот амбасадор во Пакистан, кој моментално е во посета на Иран, засега можеби нема да се врати“, изјави портпаролот на пакистанското МНР, Мумтаз Захра Балоч.
„Пакистан отсекогаш барал соработка од сите земји од регионот вклучувајќи го и Иран за борба против тероризмот. Ова е неприфатливо и Пакистан има право да одговори на секоја агресија врз неговиот суверенитет“, изјави Јан Ачакзаи, министер за информации и портпарол на владата на Балучистан.
Последната ескалација на непријателствата на Блискиот Исток, предупредува од опасност од поширок регионален конфликт. Тел Авив ги засили нападите на југот од Газа. Рации и напади во Западниот Брег, има жртви. Израелската армија соопшти дека убила висок палестински милитант, одговорен за инфраструктурата и планирањето на повеќе напади во Ерусалим. Одржлив мир и решение за две држави, порака од говорниците од Светскиот економски форум во Давос.
„Страните во конфликтот го игнорираат меѓународното право. Го повторувам мојот повик за итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и процес кон одржлив мир кој ќе биде основа на решение за две држави. Тоа е единственото начин да се запре страдањето и да се спречи прелевање што може да го запали целиот регион“, изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш,.
Израелската армија објави снимка од напади врз воената инфраструктура на Хезболах во јужен Либан. Продолжува тензијата и во Црвено Море. САД извршија трет напад врз Хутите во Јемен, како одмазда за нападнат брод што пловел под знамето на Малта.
Маријана Димовска
