Струга наскоро ќе добие нов мост!
Општина Струга од сопствениот буџет ќе издвои средства за уредување на руинираниот простор во центарот на градот, местото каде што се собираат граѓаните и туристите. Посебно ќе се обрне внимание на изградбата на мостот кој некогаш беше најфрекфентен, за што ќе се користат европски средства...

Најавата на општинските власти дека е донесена одлука според која треба да се изврши санација на просторот околу Споменикот и Плоштадот на Револуцијата во Струга, како и изградба на големо шеталиште од источната страна на кејот на Дрим, граѓаните на Струга велат дека тоа е добар проект.
„Подобро шеталиште отколку многу угостителски објекти кои сметаат при движењето и на нас граѓаните и на туристите“, велат стружани.
„Работам на неколку проекти во центарот како што е и отварање на едно ново шеталиште, тоа е источната страна на кејот на реката Црн Дрим во правец на хотел „Дрим“. Тука ќе има едно широко шеталиште, значи нема да биде само малото корзо, туку граѓаните ќе имаат и друга можност“, изјави градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Решението пак за обнова на дрвениот мост во Струга ќе се бара преку европските фондови. Речиси три години се очекува мостот повторно да се изгради, а денес во Струга на неговото место единствено стои пораката „Сакаме мост“ . За отстранетиот мост со жалење ни раскажа и чичко Зулфи од Струга.
„Некои петнаесет години јас го одржував тој мост. Потоа заминав неколку години во Америка, кога се вратив тој мост го немаше. Мене ми е жал зошто се отстрани мостот, но општината ја има таа обврска“, раскажува чичко Зулфи.
Од општина Струга најавуваат доколку не успее проектот со европските фондови, решението ќе се бара со средства од општинската каса.
Јованчо Наумоски
