Нови документи

Нема отстапување од меѓународниот договор, пасошите со старото име нема да важат по 12-ти февруари

17.01.2024 14:59

За личните карти нема дилема, но нема да има отстапување од меѓународниот договор за пасошите. Со старото уставно име нема да важат по 12-ти февруари. Шефот на дипломатијата ги поби очекувањата на граѓаните. Апелира до институциите да се организираат за побрзо да се издадат документите, но и налепниците со назнаката НМК…

Пасошите и возачките граѓаните сепак ќе треба да ги променат и според Османи, ова е обврска што произлегува од Преспанскиот договор, којшто е меѓународен.

Нема да давам лажна надеж, невозможна мисија е документите да важат по 13-ти февруари. Шефот на дипломатијата ги поби очекувањата на граѓаните кои се надеваа дека патните исправи и личните карти ќе им важат и по истекот на рокот. Но, неговото тврдење е и спротивно на изјавите на премиерот Ковачевски, кој очекуваше од претседателот Пендаровски да интервенира за оваа обврска да се пролонгира. Османи апелира до институциите да се организираат за побрзо да се издадат документите, но и налепниците со назнаката НМК.

Изминатиот месец, откако е отворен пунктот „Пролет“, граѓаните со часови на минусни температури чекаат да се фотографираат за лични документи. Метеж, револт и караници е сликата и на шалтерите за подигнување на документите.

Во тек е и замената на пасошите во дијаспората. Интересот голем. Отворени се нови пунктови кои ќе се екипираат со дополнителен кадар задолжен за фотографирање. Процедурите за издавање пасоши таму траат со месеци. Како ќе се постапува по 12-ти февруари, шефот на дипломатијата Османи вели-МНР, МВР и Транспорт почнаа со меѓуинституционална координација.

Поради неусогласеност на Законот за лични карти, овој документ ќе може да се употребува, но само во земјава. Од МВР информираа дека досега издадени се 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши, 546.741 возачки дозволи.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставен за измени на членот од законот и истовремено предупредува дека наскоро ќе нема ни обрасци за изготвување на документите.

Викторија Милевска