Се зголемува бројот на инфицирани со грип, амбулантите полни со пациенти
Грипот зема замав, ги полни амбулантите и болниците, на удар се децата. На Детската клиника за едно деноноќие има по 200 дечиња. Зголемен број на заболени од грип надлежните очекуваат во февруари, откако децата ќе се вратат во училишните клупи...

Грипот зема замав, ги полни амбулантите и болниците, на удар се децата. За две до три недели надлежните очекуваат да го достигне пикот. На Детската клиника за едно деноноќие има по 200 дечиња. Доминира и респираторниот синцицијален вирус. Лекарите предупредуваат дека грипот е тешка респираторна инфекција, честопати може да предизвика компликации, како пневмонија.
„Еден помал дел имаат потреба да бидат хоспитализирани. Симптомите на грип најчесто поминуваат и со домашно лекување, но, еден дел можат да развијат потешка клиничка слика. Најчесто тие симптоми и влошувања се јавуваат по четвртиот и петтиот ден од појавата на симптомите. Кај пациентите со коморбидитети можат да дадат и сериозни клинички слики“, изјави д-р Весна Мицевска, педијатар, пулмолог во Клиниката за детски болести.
Дружбите околу празниците, дополнително и загадениот воздух придонесоа да се зголеми бројот на заболени, велат лекарите. Апелираат да се избегнува престој на затворено каде има повеќе луѓе.
Зголемен број на заболени од грип надлежните очекуваат во февруари, откако децата ќе се вратат во училишните клупи. Колективниот престој овозможува полесно ширење на вирусите.
Комисијата за заштита од заразни болести препорача носење на заштитни маски во здравствените установи и забрана за посети во болниците, откако за една недела над 1.000 граѓани со симптоми на грип побарале лекарска помош. Од почетокот на сезоната поради компликации од грип починаа шестмина граѓани, а регистрирани се повеќе од 2.300 заболени.
Андријана Ѓурческа
