Се менува раководството на „М-НАВ“
Разрешувањето на актуелното и назначување на ново раководство во македонска навигација на маса пред надзорниот одбор. Прозваните функционери негираат непотизам при вработувањата, и шефот на дипломатијата Османи вели неговата сестра е вработена во институцијата пред 15 години. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со нов список за вработени роднини на други функционери...

Контролорот на летање Хекуран Асани и раководителот Милан Кораќ се очекува да застанат на чело на македонската навигација. Смената доаѓа по низата ситуации што се случија изминатиот период во државната компанија. Владата ги разреши претседателот на управниот одбор Фахрудин Хамиди и директорот Љубе Стаменковски. Во меѓувреме во јавноста се разбранува информацијата дека таму работат роднини на владините функционери. Дека тоа е така, потврдија и тие.
„Сестра ми работи во М-НАВ веќе 15 години, или 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи“, вели Бујар Османи.
Па така, покрај сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, вработени се и снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски. Претходно и премиерот рече дека „М-НАВ“ станала „семејна фирма“, за вработени роднини на министри, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Бујар Османи вработил сестра; Артан Груби – снаа; Ејуп Алими, експратеник од ДУИ – две снаи и син; Беким Незири, притворен како предводник на групата тепачи во М-НАВ вработил внук; Љупчо Николовски во М-НАВ има чичко, братучед и внук. Ама Ковачевски не смее глас да пушти, не бил портпарол“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме Кривичниот суд донесе одлука за куќен притвор за пет лица, а по тројца сè уште се трага. Инаку, приватната фирма што го обезбедува „М-НАВ“ доби засилување, нов тендер и полициска асистенција, по инцидентот што се случи на 4-ти јануари.
Борис Грујоски
