Земјоделски стопанства

Директна продажба на храна од животинско потекло од мали фарми

18.01.2024 08:52

Маркетите и локалните малопродажни објекти, можат да продаваат месо и млеко и нивни преработки, јајца, риби и мед кои ги набавиле директно од малите фармери. На овој начин ќе се зголеми и понудата на традиционално произведената храна...

Дел од сточарите и од помалите земјоделски стопанства кои произведуваат храна од животинско потекло ќе можат директно без прекупци да се поврзат и да ги понудат своите производи за пласман во малопродажните трговски објекти и мрежите на маркети. Месото и месните преработки кои индивидуалните производители ќе ги продаваат на пазарот треба да потекнуваат од фарма која е регистрирано од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

На фармата ќе се колат животни само од сопствено производство, а месото ќе се продава на крајниот потрошувач на лице место и за сопствена локална туристичка понуда.

Бројот на животни кои може да се заколат во објектот изнесува 4 говеда неделно, 6 телиња, 6 свињи, 20 прасиња, 5 овци, 10 јагниња и 20 зајаци.

Фармерот во сопствениот објект за преработки од месо, ќе може да произведува најмногу до 2.000 килограми сувомеснати производи за седум дена.

Со Правилникот се предвидува и користење на мобилни кланици кои треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Министерството за земјоделство со модел на субвенционирање предвидува и грант за малите семејни бизниси кои ќе продаваат од куќен праг.

 

Методија Трајков