Панел-дискусија: ЕУ нуди квалитет на македонското образование и перспектива за секој млад човек
Темелната и етапна реформа во образованието што ја спроведуваме во изминатите години има за цел да придонесе учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми и подготвено да влегуваат во секој следен степен – од основното до високото образование...

Темелната и етапна реформа во образованието што ја спроведуваме во изминатите години има за цел да придонесе учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми и подготвено да влегуваат во секој следен степен – од основното до високото образование.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во своето воведно обраќање на панел-дискусијата Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ. Панел-дискусијата е дел од серијата настани во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ чија цел е да ги истакне придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, како и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.
Тој додаде дека исклучително успешна европско-македонска приказна е дуалното образование што се спроведува со поддршка на земји-членки на ЕУ, а кое овозможува стекнување на употребливи знаења, вештини и способности што ги прави средношколците баран кадар од домашните, но и од интернационалните компании во зоните, иако, со подеднаква успешност, можат и да продолжат со академско образование.
Директорот на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски во детали ги претстави можностите што им стојат на располагање на македонските ученици и студенти преку програмата Еразмус+, споделувајќи го податокот дека само во 2022 година дури 10.050 учесници од земјава биле дел од оваа најголемата образовна програма на Европската Унија.
Ѓорги Тасев, советник за млади на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија на панелот ги претстави клучните политики што земјава треба да ги имплементира за да го подобри учеството на младите и нивниот образовен и професионален развој дома и како младите се вклучени во процесот на интеграција во ЕУ.
Ставовите на студентите од најголемиот универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“, на панел-дискусијата ги претстави Давид Дамјаноски, претседател на Комисијата за надворешна соработка при Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
За младинскиот активизам и како интеграцијата во ЕУ влијае на афирмација на младите во општеството зборуваше Благица Ефтимова, проектна менаџерка и координаторка во ЦЕТ Платформа – дел од мрежата присутна во земји-членки на ЕУ и од регионот чиј фокус е развој на граѓанското општество, демократските институции, граѓанските вредности и неформалното образование за сите граѓани, а особено за младите на локално, но и на европско ниво.
