Хамас со нови услови за испорака на лекови на заложниците кои ги држи во Газа
Хамас постави нови услови за испорака на лекови на заложниците кои ги држи во Газа. За секоја кутија со лекови што ќе стигне до нив, илјада кутии и за жителите на Газа, објави на мрежата „Икс“, висок член на милитантната група.

Пакистанското воздухопловство почна одмазднички напади во јужен Иран, насочени кон позиции на милитантите. Според иранската национална телевизија, во нападите загинаа најмалку седум лица.
„Утрово Пакистан презеде серија висококоординирани и конкретно насочени прецизни воени напади против терористичките засолништа во Иран. Голем број терористи беа убиени за време на операцијата заснована на разузнавање. Оваа акција е манифестација на решителноста на Пакистан да ја заштити и брани својата национална безбедност од сите закани“, изјави Мумтаз Захра Балоч, портпарол на Министерството за надворешни работи на Пакистан.
Новите случувања се резултат на вчерашните напади од Техеран изведени врз позиции во Пакистан, за што иранските власти велат дека биле цел единствено терористи поврзани со Израел. Расте тензијата и во Црвено Море. Пентагон тврди дека американските воени напади врз локации на Хутите биле ефективни. Според воените власти во САД, партнерите во регионот ќе продолжат да ја спречуваат ескалацијата на конфликтот Израел-Хамас.
„Го погодивме тоа што сакавме да го погодиме, со добри ефекти. Целта овде беше да ги нарушиме и деградираме способностите на Хутите, да извршиме напади и веруваме дека севкупно, во однос на обемот и бројот на удари што ги презедовме, ја деградираме нивната способност за напад. Очигледно, тие одржуваат одредена способност. Очекувавме дека по каква било акција, веројатно ќе има некои одмазднички напади“, изјави генерал-мајор Пат Рајдер, портпарол на Пентагон.
Брод во сопственост на САД во Аденскиот Залив беше нападнат вчера со беспилотно летало лансирано од јеменските бунтовници.
„Одговорот на американските и британските прекршоци неизбежно доаѓа и секој нов прекршок нема да остане без одговор и казна. Јеменските вооружени сили уверуваат дека пловидбата и во Арапското и во Црвеното Море ќе продолжи за сите дестинации низ светот освен пристаништата на окупирана Палестина“, изјави Бригаден Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Не мирува оружјето и во Газа. Според израелската одбрана, на терен жестоки битки на север и на југ.
„Во оваа фаза, три дивизии дејствуваат во Газа. Едната дивизија се бори во северниот дел и врши рации за да се спротивстави на тероризмот. Втората дивизија го држи коридорот што ги поврзува северна и јужна Газа. И оваа дивизија се бори во центарот на Појасот и врши оперативна активност. Третата дивизија, со најширок опсег на сили, се бори во Кан Јунис“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Во Газа пристигнаа лекови од Франција и од Катар. Со посредништво, Хамас и Израел договорија испорака на медицински материјали за израелски заложници во замена за хуманитарна помош за палестинското население во енклавата.
Маријана Димовска
