БЛИСКИ ИСТОК

Пакистан изврши одмазднички напади во Иран, светот стравува од ескалација на конфликтот

18.01.2024 12:16

Светот стравува од продлабочување на конфликтот во соседството на Блискиот Исток и во Црвено Море. Пакистан изврши одмазднички напади во Иран, два дена откако Техеран нападна бази поврзани со Израел на пакистанска територија. Не стивнуваат битките и во Газа, жестоки напади на север и на југ од Појасот…

Се продлабочува кризата во соседството на Блискиот Исток и Црвено Море. Пакистан нападна цели во југоисточен Иран во близина на Оманскиот Залив, два дена по иранското бомбардирање бази на милитанти поврзани со Израел на пакистанска територија. Има и жртви.

„Оваа акција е манифестација на решителноста на Пакистан да ја заштити и брани својата национална безбедност од сите закани“, изјави Мумтаз Захра Балоч, портпарол на МНР на Пакистан.

Светот се соочува со натамошна ескалација на воениот конфликт што се шири низ Блискиот Исток и во централна Азија.

„Се надеваме дека Пакистан и Иран ќе се воздржат, избегнувајќи проширување на судирите. Подготвени сме на конструктивна улога во смирувањето на ситуацијата“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.

Расте напнатоста и во стратегиското Црвено Море. По новите напади врз проиранските Хути, Пентагон планира со партнерите во регионот да продолжат да ја спречуваат ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Го погодивме тоа што сакавме да го погодиме, со добри ефекти. Целта беше да ги онеспособиле Хутите. Очекувавме дека по нашите акција, ќе следува одмазда“, изјави генерал-мајор Пат Рајдер, портпарол на Пентагон.

Не стивнува оружјето и во Газа. Според Тел Авив, се водат жестоки битки на северот и на југот на Појасот.

„Три дивизии дејствуваат во Газа. Едната се бори во северниот дел и врши рации. Втората го запоседна коридорот меѓу северна и јужна Газа. Третата дивизија, со најширок опсег на сили, е во Кан Јунис“, информираше портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.

Во Газа пристигнаа лекови од Франција и од Катар. Со посредништво, Хамас и Израел договорија испорака на медицински материјали за израелски заложници во замена за хуманитарна помош за палестинското население во енклавата.

 

Маријана Димовска