Нова опрема за штипската болница
Станува збор за апаратура што ќе ја користат специјалистите на хируршко, неврохируршко, ортопедско и уролошко одделение за минимално инвазивни процедури.

Клиничката болница во Штип доби нова медицинска опрема - лапараскопска и ендоскопска опрема, нов ултразвук колор доплер апарат со две сонди и цисто-уретроскопски сет.
Станува збор за апаратура што ќе ја користат специјалистите на хируршко, неврохируршко, ортопедско и уролошко одделение за минимално инвазивни процедури. Ова ќе допринесе за помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, пократок престој во болница, побрз опоравок на пациентите, како и многу подобри резултати отколку отворените хируршки интервенции, информираат од Министерството за здравство.
„Набавивме и нов ултразвук колор доплер апарат со две сонди за испитување на абдомен и тироида во висина од 2.5 милиони денари. Исто така, со средства од буџетот на Министерството обезбедивме и цисто-уретроскопски сет во вредност од 433 илјади денари со што ги подобривме условите во штипската болница“, рече министерот Меџити и нагласи дека интензивно се работи за зајакнување на јавно- здравствените установи низ целата држава.
