Големата кашлица се шири во Србија
Големата кашлица се шири во Србија. Најраспространета е во Белград, кај бебињата и кај деца од 12, 13 и 14 години. Симптомите се како настинка и тешко се открива...

Во Србија од ден на ден се зголемува бројот на заболени од голема кашлица. Според податоците на Институтот „Батут“ таа е потврдена кај 1.051 лице. Најмногу заболени има во Јужнобачкта област и во Белград, каде што е прогласена епидемија.
Големата кашлица е најчеста кај возрасната група од 10 до 19 години, пред сè кај децата од 12, 13 и 14 години. Пред 10 дена во Белград беа регистрирани 492 случаи на голема кашлица, а сега има 600 пријавени случаи, но оваа бројка треба да се помножи два-три пати за да се добие реална слика, бидејќи многумина не контактирале доктор поради симптоми слични на настинка, без специфичната кашлица.
„Најчести компликации се јавуваат кај доенчињата, кај кои може да се развие и пневмонија, и на таа возраст постои најголем ризик од смрт. Симптомите на почетокот се слични на настинка, без специфична кашлица, со и без температура, а потоа во текот на неколку недели таа кашлица станува поинтензивна, со напади и повраќање и може да трае до осум недели“, изјави Ивана Беговиќ Лазаревиќ- епидемиолог Градски завод за јавно здравје Белград.
Големата кашлица се лекува со антибиотици. Препорака е децата да бидат целосно вакцинирани, а оние кои кашлаат да останат дома и да не одат на работа или училиште, за да не се прошири инфекцијата.
Оливер Бранковиќ
