Одблокирана сметката на општина Охрид, вратен долг од 14 милиони евра
Од најзадолжена општина во земјава, денес тековните долгови на општина Охрид изнесуваат помалку од 1 милион евра…

По децении, конечно одблокирана сметката на општина Охрид. Вратени се вкупно 14 милиони евра долг по основ на извршни и судски решенија. Градоначалникот Пецаков вели, успеале со многу труд и домаќинско работење.
„Зголемувањето на приходите од повеќе ставки и домаќинското работење придонесе враќање на вкупниот долг што го имаше Локалната самоуправа кој изнесуваше околу 14 милиони евра. Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и 8 милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид“, рече градоначалникот Пецаков.
Од најзадолжена општина во земјава, денес тековните долгови на општина Охрид изнесуваат помалку од 1 милион евра.
„За две години да бидеме на една позитивна нула, односно да нема никакви долгови, по ниедни основи и да разговараме за позитивна финансиско работење на општината“, додава Пецаков.
Според Пецаков, во идните години особено внимание ќе се посвети на раздолжување на јавните претпријатија, кои имаат вкупен долг од околу 10 милиони евра, а фокусот на локалната ќе биде на капитални инвестиции.
Соња Рилковска
