Празник

Охрид подготвен за Богојавление – Водици

18.01.2024 14:26

Во Охрид сè е подготвено за големиот верски празник Богојавление- Водици. Сепак поради влошените временски услови, силниот јужен ветер и големите бранови нуркачите немаа можност да го расчистат дното од езерото од цврсти предмети каде што ќе се положува чесниот крст. Поради тоа покрај вообичаените препораки од охридскиот црвен крст до капачите упатија апел кога ќе влегуваат во езерото да се движат по обележаната патека која води до просторот каде ќе се положува крстот…

Македонскиот духовен центар Охрид е подготвен за уште едно достоинствено одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици. Центарот на градот и пристаништето се украсени со зеленило, верски и државни знамиња, а возбудата се чувствува низ чаршијата и во секој дом на охриѓани, особено во стариот дел од каде што потекнува традицијата за положување на чесниот крст во езерото. Младите се подготвуваат за утрешниот верски церемонијал и секој од нив очекува дека прв ќе стигне до крстот.

„Скокам по чесниот крст од мојата 14-та година. Се капам за овој ден откако знам за себе, но активно пливам веќе 7-8 години“, вели Круме Балески- учесник во црковната манифестација.

„Генерациски да, сме повеќе тајфи од повеќе генерации, затоа што е сепак еден празник со долгогодишна традиција и имаме од секоја генерација по некој да речам. Така што и треба да се пренесе, затоа што ние сме најмлади и треба да ја негуваме оваа традиција“, додава Марко Дуданов- учесник во црковната манифестација.

Од охридскиот Црвен крст упатија препораки до капачите да бидат внимателни, бидејќи температурата на водата е 8 степени, а на воздухот 9.

„Пред влегување во водите на Охридското Езеро да не се консумира алкохол. Никако, алкохолот ја намалува телесната температура неколкукратно. Пред влегување да внимаваат, да носат обувки на нозете и да не се задржуваат подолго од 3 минути“, изјави Сашо Точков- претседател на Црвен крст-Охрид.

Попладнево во Охрид се влошија временските услови, дува силен југ што предизвикува големи бранови. Слично ќе биде и утре, така што фаќачите на крстот ќе имаат многу потешка задача отколку во минатото.

Сашо Нелоски