Македонска навигација доби ново раководство
М-НАВ доби нови директори. Хекуран Асани и Милан Кораќ седнуваат на директорските места. За нов член на надзорниот одбор е назначен Едмонд Калиќи, кој беше нападнат во инцидентот на 4-ти јануари....

М-НАВ доби ново раководство. Хекуран Асани и Милан Кораќ седнуваат на директорските места. Поради низата скандали и упадот на почетокот на годинава, директорите Хамиди и Стаменковски се разрешени. На функција останува досегашниот директор Хасим Деари. За нов член на надзорниот одбор е назначен Едмонд Калиќи, кој беше нападнат во инцидентот на 4-ти јануари. Опозицијата критикува дека обезбедувањето, кое има дел од вината за упадот, добило нов тендер од М-НАВ.
Откако новото раководство ќе се впише во Централниот регистар ќе може да се состане и Комитетот за безбедност на М-НАВ, кој треба да спроведе истрага за упадот во македонската навигација. Идната недела се очекува и извештајот на Трудовиот инспекторат за вработувањата во М-НАВ. Премиерот Ковачевски прв обелодени дека има семејни стебла на вработени во институцијата, медиумите објавија дека дел од нив се роднински поврзани со актуелни функционери. Меѓу нив сестрата на шефот на дипломатијата Османи, снаата на вицепремиерот Груби, блиски роднини на министерот за земјоделство Николовски. За упадот во М-НАВ осомничени се 8-мина, во бегство се тројца, останатите се во домашен притвор.
Викторија Милевска
