Доделени наградите од натпреварот за развој на HTML5 апликации

09.06.2014 11:49

На натпреварот се пријавија 11 групи, составени со по еден до пет членови и имаа период од 30 дена да осмислат, програмираат и достават HTML5 апликација со комплетна функционалност...

Апликацијата со наслов „Пинг Понг“ на авторот Миле Костоски е добитник на првата награда на натпреварот за избор на најдобритe три HTML5 апликации, кој следеше по обуката за развивање на апликациите, организирана од корпорацијата Intel заедно со Министерството за информатичко општество и администрација.

Така одлучи комисијата составена од претставници на државните универзитети во Република Македонија, на МАСИТ, на ИКТ Комората на Македонија, како и претставник на МИОА, со цел да ги изберат најдобрите. Второнаградена е апликацијата „Такси“ на авторите Бојан Војновски, Игор Завојчевски, Филип Митревски, Дарко Пајковски и Весна Ристевска, додека третонаградена беше апликацијата „Планер за цели“ на студентите Тони Наковски, Бобан Аврамоски, Катерина Трифуноска, Жанко Митрески и Мирјана Арѓир.

Наградите лап- топ за првонаградениот и таблет за второ и третонаградените, како и сертификатите за постигнатиот успех, ги додели министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, заедно со Саша Огненовски, претседател на ИКТ комората при Сојузот на стопански комори и Валентина Дојчиновска, претставник на МАСИТ, како членови на комисијата.

Министерот Ивановски напомена дека HTML5 е дизајниран за реализација на многу работи што сите информатичари би сакале да ги прават онлајн без посебни додатоци. Дијапазонот на креации е мошне широк, од анимации до апликации, музика, филмови, па дури и сложени анимации кои се користат во пребарувачите.

„Вложивме сериозни напори во доменот на создавање млади кадри во нашата земја, кои активно ќе работат на полето на ИКТ технологиите и со тоа индивидуално и тимски ќе придонесуваат за целокупниот развој на македонското општествено живеење. Поддршката и помошта од македонската влада и надлежните институции во оваа област е силна, а тоа го докажуваме и со денешниот чин на мотивирање и стимулирање на најуспешните“, изјави Ивановски.

На натпреварот се пријавија 11 групи, составени со по  еден до пет членови и имаа период од 30 дена да осмислат, програмираат и достават HTML5 апликација со комплетна функционалност. Секој од членовите на комисијата достави свое бодување за секоја од апликациите, по што најдобрите пет апликации беа испратени на разгледување во корпорацијата Intel, каде беа одбрани најсупешните три.