Водици

Православните верници го слават Богојавление-Водици

19.01.2024 08:53

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден...

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.

Крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите.

Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денеска на денот Богојавление се извршува осветување на водите.

Годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Пријавени се 157 граѓани кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар. Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот со архијерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која ќе чиноначалствува архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.

По завршување на литургијата, во 11:30 часот поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде околу 11:45 часот ќе започне „Водосветот“, а неколку минути по 12 часот, архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар.