Нетанјаху ѝ порача на Америка дека е против палестинска држава во секое повоено сценарио
Не е на повидок мирот во Појасот Газа, особено не, по изјавата на израелскиот премиер дека нема да се формира слободна палестинска држава. Ова е сосема различен став од неодамна искажаниот на американскиот претседател Бајден. Во Црвено Море, но и во Аденскиот залив продолжуваат ракетирањата на американските, но и на другите странски бродови. Хутите нема да ги бомбардираат руските и кинеските бродови во Црвеното Море, изјави портпаролот на оружените сили на Јемен...

Нема да се востанови палестинска држава по целосната победа на Израел над Хамас. Ова е ставот на израелскиот премиер Нетанјаху целосно спротивен на тврдењето на Вашингтон по офанзивата на Тел Авив во Појасот.
„30 години повторувам, ова не конфликт поради недостиг на држава, туку за опстанок на државата Израел. Од секоја територија од која се повлекуваме имаме само терор, како што го има во јужен Либан. Исто и во Газа, во Јудеја и во Самарија. Израел мора да си ја контролира територијата западно од реката Јордан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Ништо не е променето во однос на ставот на претседателот за решението за две држави што е во корист и на Израелците и на Палестинците. Тоа е во најдобар интерес на регионот. Не го коментираме Нетанјаху, очигледно ги гледаме работите различно. Палестинците имаат право да живеат во независна, безбедна и мирна држава“, изјави Џон Кирби портпарол на Националниот совет за безбедност на САД.
Изутринава Израел продолжи со бомбардирањето на југот на Газа, воздушни напади се извршени врз градот Кан Јунис, каде што според Тел Авив се засолниле лидерите на Хамас. Црвената полумесечина известува за десетици загинати во централната болница.
Војната во Израел и натаму се заканува на целиот регион. Хутите одново ракетираат бродови во Црвено Море, водниот пат кон Суецкиот канал, трговската порта за Медитеранот. Погоден е и американски брод во Аденскиот залив.
„Оружените сили на Јемен дозволија сообраќај во арапско и во Црвено Море до сите дестинации во светот, освен за пристаништата на окупирана Палестина. Ги блокираме израелските правци или бродови до окупираната Палестина сè додека не се постигне прекин на огнот во Појасот Газа“, изјави генерал Јахеа Сареа, портпарол на оружените сили на Јемен.
Јемен потврди, контролата и бомбардирањето на бродовите во теснецот не се однесува на руските и кинеските пловила.
Во поширокиот регион, поради избегнување на прелевањето на војната од Блискиот Исток кон Пакистан и Иран, Пекинг побара од Карачи и Техеран да се воздржат од натамошните оружени активности. Барајте дипломатски начин според начелата на Обединетите нации, повикаа од Министерството за надворешни работи на Кина.
„Кина е секогаш за одржување на меѓудржавните релации според начелата од повелбата за меѓународно право на Обединетите нации. Иран и Пакистан се соседни и блиски држави. Обете имаат пријателски односи со Кина, тие се земји со големо влијание. Кина е подготвена да одигра конструктивна улога во олеснување на состојбата“, изјави Мао Нинг, портпаролка на министерството за надворешни работи на Кина.
За смирувањето, според Стејт департментот, се и Соединетите Американски Држави. Портпаролот Метју Милер ги поддржа единствено напорите на Пакистан за соработка со соседите. Официјален Вашингтон не верува дека неодамнешниот пакистанско-ирански оружен инцидент е поврзан со состојбата на Блиски Исток и во Црвено Море.
Зоран Богатинов
