Народен правобранител: Се повеќе лажни посредници за канадска виза
Со цел заштита на граѓаните на Република Македонија кои сакаат да аплицираат за иселеничка виза за Квебек и Канада, Народниот правобранител ги инфоромира за препораката на Mедијаторот на Квебек, многу внимателно да ги земат предвид сите огласи- понуди за посредување при вадењето на виза...

Се позачестена е појавата на интернет огласи од страна на посредници кои нудат полесен начин на добивање на канадска виза, соопштуваат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Со цел заштита на граѓаните на Република Македонија кои сакаат да аплицираат за иселеничка виза за Квебек и Канада, Народниот правобранител ги инфоромира за препораката на Mедијаторот на Квебек, многу внимателно да ги земат предвид сите огласи- понуди за посредување при вадењето на виза, заради се позачестената појава на измама на граѓаните од лица и агенции кои се претставуваат како владини агенти-посредници, кои за одреден надомест, кој се бара да се уплати однапред, нудат помош за побрзо и полесно добивање на иселеничка виза за Квебек и Канада.
Од овие причини, е укажувањето дека за вадење на канадска иселеничка виза нема потреба од посредници при поднесување на аликациите до имиграционите служби на Квебек и Канада. Исто така, граѓаните нема потреба да се изложуваат на дополнителни трошоци за плаќање на надомест на посредниците.
Доколку граѓаните сепак се одлучат да вадат виза преку посредник, треба да внимаваат и да се осигураат дали лицето или агенцијата кои се претставуваат како посредници за имиграција, се овластени да делуваат како такви од страна на Министерството за имиграција, различност и инклузија на Квебек.
Сите потребни информации за начинот на аплицирање и добивање на иселеничка виза може да се проверат на веб-страницата на ова министерство на која секогаш во горниот лев агол се наоѓа логото, и е назначено „официјална страна на Владата на Квебек“.
На оваа веб страница има и примероци од бесплатни формулари за аплицирање, согласно областите на кандидатите, а сите информации кандидатите може сами да ги пополнат.
