Се заострува реториката меѓу власта и опозицијата околу техничката влада
Ако ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржи техничката влада, тогаш нивните министерски места да останат празни, изјави премиерот Ковачевски. Ова се евтини трикови и неевропски игранки – став на опозициската партија...

Идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри, порача премиерот Ковачевски.
„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваа“, изјави Ковачевски.
Евтини трикови и надмудрувања кои беа очекувани од СДС и Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ повика да се укине техничката влада, што Ковачевски истото го одби, велат од најголемата опозициска партија.
„Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување. Правото не познава предлози за министри, „празно место“ како што изјавува Ковачевски“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
За вчерашната средба со поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети, Ковачевски рече дека разговарале за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори.
Марина Стојанова-Тонева
