Граѓаните спасот од смогот го наоѓаат на Водно
Скопје во магла, на водно сонце. Дел од граѓаните празничниот ден го искористија да избегаат од загадениот воздух барем на неколку часа...

Сончевите зраци се потешко се пробиваа низ маглата – граѓаните кои останаа во метрополата спасот од смогот го бараа на водно. Од врвот на планината од каде што обично може да се види цел град, денеска се гледаше само бел облак.
Слободниот ден скопјани го искористија барем на неколку часови да избегаат од загадениот воздух.
Омилена дестинација за викендите за скопјани се чини останува водно, поради неговата близина и содржините коишто ги обединуваат интересите на многумина, од потребата за адреналин, па се до едноставна рекреација. Присутни се и најмалите.
Прошетките низ планината се незаборавно доживување во сите годишни времиња. Но граѓаните велат треба да се обрне внимание на хигиената и повеќе содржини за децата.
Дел од граѓаните продолжениот викенд го искористија да заминат во некој од туристички центри, за тие пак со помалку време и, како што велат, поскромен буџет – тука се зелените појаси на градот.
Водно останува избор за неколкучасовно бегство од градскиот смог и метеж. Да се има планина на само два три километра од центарот на градот е привилегија. Токму затоа и одговорноста е поголема да се зачува нејзината природа.
Андријана Ѓурческа
