Карачи: 28 мртви во нападот на аеродромот, Талибанците презедоа одговорност
Продолжува одмаздата на Tалибанците во Пакистан против владините сили. Во напад врз аеродромот во Карачи загинаа 20-тина луѓе, вклучувајќи ги и напаѓачите...

Пакистанските Талибанци презедоа одговорност за нападот во најголемиот аеродром во земјата каде што загинаа 28 луѓе, вклучувајќи ги и милитантите. Нападот се случи во терминал за карго и за ВИП летови на меѓународниот аеродром во Карачи од страна на 10 луѓе кои се поделиле во две групи. Откако успеале да влезат со фалсификувани лични карти, фрлиле гранати и отвориле оган кон обезбедувањето.
Според портпаролот на Талибанците, Шахидула Шахид, ова е порака до пакистанската влада дека ќе продолжи одмаздата за убиствата на невините жртви во бомбардирањата врз нивните села. Главниот министер на провинцијата Синд во којашто Карачи е главен град потврди за Ројтерс дека операцијата заврши успешно.
„Безбедносните сили ги ликвидираа напаѓачите. Целата операција заврши за 5 часа“, изјави Саид Каим Али Шах, главен министер во провинцијата Синд.
Аналитичарите велат дека нападот ги дестабилизира обидите на премиерот Наваз Шариф за почнување на мировни преговори со Талибанците. Од февруари, преговорите меѓу владата и пакистанските талибанци бележат минимален прогрес што остава простор милитантите да се регрупираат и да се засилат.
Маја Филдишев
