Македонија

Прилеп: Откупот на тутунот е со бавно темпо, потребни се законски измени

20.01.2024 09:44

Откупот на тутунот се одвива бавно, иако реколтата е преполовена - констатираат од Државниот земјоделски инспекторат и им порачуваат на откупувачите сериозен пристап. Потребни се и законски измени за новото производство. Институтот за тутун бара да се задржи тутунопроизводството...

Откупот на и онака преполовените количества тутун се одвива бавно, но не се пријавени неправилности. Досега се откупени преку 6.000 тони со просечна цена од 330 денари за килограм, констатира Државниот земјоделски инспекторат.

Инспекторатот е на терен и бара посериозен пристап на откупните фирми за оваа значајна индустриско-земјоделска култура. Најбавен е откупот во прилепскиот регион.

Од Институтот за тутун сметаат дека моментално се постигнува реална откупна цена, заедно со субвенциите, но мора сите надлежни да реагираат за да се задржи оваа производствена гранка.

Потребни се измени во законот за тутун и сега е период на договори и преговори за новата реколта.

Производството на тутун е преполовено. Сведено е на 13.000 до 15.000 тони. Рокот за откуп е крајот на февруари.

 

Елизабета Митревска