Европа и Балканот оковани во студ и снег
Студ и снег во Европа и Балканот. Во Србија пад на температурите и за 10-тина степени. Изобилни врнежи од снег има и во Босна и Херцеговина. Во Германија хаос во патниот и воздушниот сообраќај. Снегот ја окова и вообичаено топлата Шпанија...

Европа и Балканот оковани во студ и снег. Продорот на судена воздушна маса од север го разбуди Балканот со интензивни врнежи од снег, формирајќи снежна покривка, на некои места и до половина метар. Во Србија забележан пад на температурите и за 10-тина степени. Изобилни врнежи од снег има и во Босна и Херцеговина. Сообраќајот се одвива забавено поради појава на голомразица. Во Германија снежното невреме предизвика хаос во патниот и воздушниот сообраќај. Стотици патници останаа заглавени во своите возила на патиштата во централната германска покраина Хесен.
„Кога слушнавме дека луѓето овде остануваат и по седум часа, веднаш се вклучивме. Тие беа среќни кога добија шолја топол чај и кафе“, изјави Паскал Хасел од Црвениот крст на Германија.
Снегот ја окова и вообичаено топлата Шпанија. Врнежите го отежнаа сообраќајот во Сорија, Сеговија, Сарагоса и Гвадалахара. Во Естремадура неколку регионални патишта беа целосно затворени. Исклучително ниски температури и снежно невреме регистрирано и во неколку руски области. Снежната покривка на некои места достигнува и до 50 сантиметри.
„Температурата значително ќе опадне. Вечер ќе бидат од -10 до -15 степени Целзиусови. Дневните температури ќе бидат од -5 до -10 степени и постепено ќе опаѓаат. Утре ќе биде и постудено за два до три степени“, информираше директор на рускиот хидрометеоролошки центар, Роман Вилфанд.
САД повеќе од недела е зафатен со студен бран и арктички температури. Снежните бури погодија голем дел од земјата носејќи изобилни врнежи од дожд, снег, ветер и ниски температури и предизвикувајќи хаос во воздушниот и патниот сообраќај. Над 45 луѓе починаа како последица на невремето. Во Филаделфија прогласена вонредна состојба. Снегот, сепак не ги обесхрабри некои од туристите.
„Мислам дека позитивната поента од излегувањето на снежен ден е тоа што нема никој наоколу. Не мора да чекате да видите работи како статуата на Роки, каде што вообичаено во летото има долга редица за фотографирање“, изјави Меган Риџак, турист од Сиракуза во Њујорк.
„Ние сме надвор од музејот на уметност во Филаделфија. И добивме сè во едно, сите знаменитости. Знаете, треба да го искористите моментот максимумот“, рече Џејк Морис, жител на Филаделфија.
Маја Стојанова
