Украина бара воена поддршка, Франција се понуди за итна помош
Нема промени во завојуваните подрачја во Украина. На земјата итно и треба воена опрема, западот се предомислува. Од ужасот на двегодишната војна во светот се регистрирани меѓу осум до десет милиони украински бегалци…

Во февруари се наближува крајот на втората година од војната во Украина. Во завојуваните подрачја, нема промени, гранатирања, ракетирања, битки со дронови. Во Киев граѓаните во територијалната одбрана се подготвуваат на можен напад врз украинската престолнина. Олена го загубила кумот во војната, брат ѝ се бори во близина на Бахмут, нејзиниот татко е регрутиран.
„Секој што е тука знае зошто сме овде. Тоа е неопходно за нас и за нашата држава. Колку сме побројни, војната побрзо ќе заврши. Загубите се огромни, но ќе победиме“, изјави Олена Бродовенко, жителка на Киев.
„Во војна сме и секој може да се приклучи на оружените сили. Мислам дека војната нема да заврши набрзо, секој мора да биде подготвен. Со тоа ќе имаат повеќе доверба дека ќе останат живи“, изјави Богдан, воен инструктор.
Од почетокот на војната, 20 илјади резервисти минале низ обуката. Но, на Украина итно и треба воена опрема, пред сè муниција. Американскиот претседател Бајден го предупреди конгресот-доколку Украина загуби, следни се Полска и Унгарија. Неговиот француски колега, Макрон, се согласува со ставот на шефот на Белата куќа.
„Ние не сме во војна со Русија, но руската победа ќе означи крај на европската безбедност. Од нашите источни граници, од Кавказ до централна Азија, до Европската унија и НАТО. Затоа француската одбранбена индустрија ќе произведува повеќе, за да им помогне на Украинците“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.
Поради војната, Франција ќе инвестира 200 милиони евра во нови бродови опремени со дронови и 1,5 милијарда евра повеќе во производство на муниција.
И додека запад се премислува околу украинската воена поддршка, во соседството се зголемува бројот на бегалците од војната. Во Молдавија, комесарот на Обединетите нации побара поголема помош од светската заедница.
„Молдавија е мала и сиромашна земја, во која има 120 илјади бегалци. Тие треба да ја добијат заштитата, како и другите кои избегале од Украина“, изјави Филипо Гранди, комесар на ООН за бегалци.
Од ужасот на двегодишната војна во светот се регистрирани осум до десет милиони украински бегалци.
Зоран Богатинов
